Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа прес-конференцијата за годинешната исплата на државна помош за инвестиции кон компаниите.
„Поставувањето на планот за економски раст во 2017 година и неговата реализација и успех во овие 5 години потврдува дека оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на домашната економија. Само во оваа година се поддржани 645 компании според планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Фондот за иновации и технолошки развој, како и Законот за контрола на државната помош“, рече Битиќи.
„Од 2017 до оваа 2022 година имаме потпишани 630 договори, од кои во моментот активни се 546, а 84 се завршени договори по разни основи. Односно, од нив, 69 договори, односно компании, ги завршиле инвестициските циклуси, а 15 компании побарале спогодбено раскинување на потпишаните договори. Во 2022 година потпишани се нови 277 договори, убедливо најголема бројка од носењето на законот“, напомена вицепремиерот.
Битиќи посочи дека „во овие 5 години дел од инвестициските циклуси на компаниите се завршени земајќи предвид дека вообичаено договорите за поддршка се склучуваат на 3 до 5 години. Сите овие договори и завршените, како и моментно активните 546 договори, се водат под мојот Кабинет и тимот посветен на нив. Знаете дека од 2020 година креираме one stop shop за инвестиции, со цел олеснување на процедурите, изедначеност на пристапот, намалување на бирократијата и времето за реализација за добивање државна помош. Сето ова го правиме токму за стопанството, знаеме дека во бизнисот времето, односно навремената и точна информација е круцијална“.
„Оваа година, како што можете да видите и на екранот зад мене, имаме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број поддржани компании, 410 според Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Бројот на компаниите, како и буџетот за поддршка, расте од година на година, од 2017 кога и почнавме со оваа програма. Само за споредба со минатата година, оваа година имаме зголемување од 79 % проценти на исплатена финансиска поддршка од 12,9 милиони на 23 милиони евра“, порача тој.
За споредба, минатата година со оваа мерка беа поддржани 10 компании со инвестиции од 850 илјади евра. Ова значи раст од 118 % на поддршката за истражување и развој, рече тој.